За една (за жал) стандардна практика кај нас

Последиците од обескрошнувањето

Неколку пати ветив дека ќе одвојам еден цел текст само за оваа практика. Според мене, после премолчаното дрвокрадење спакувано во „невиниот“ збор урбанизација, таа е најлошото нешто за дрвјата. Оваа практика на англиски се вика “topping off”, а по нашки ќе ја наречам „обескрошнување“.

Ова дрво го сликав на 20.3.2015. Изгледа некого плашело, веројатно заради паркингот и колите. Би требало ова да му беше втора година по сечењето. Во првата се намачило да создаде доволно лисја за да го прехрани своето тело, но не успеало. Големите рани биле и доволно голем влез за спорите на габите-деструктори, кои на сликава  јасно се гледаат по цело стебло (личат на коњски копита, а така и се викаат народно). Иако самите габи се убави, сепак глетката е жална. Под сликата имав пишано: „Ова дрво сигурно ќе умре, веројатно уште ова лето“, а наредната година навистина и го немаше...

Обескрошнувањето е многу популарен СТАНДАРД за одржување на дрвјата кај нас. Може да се види во поголемите градови: Охрид, Кавадарци, Гостивар, Тетово, а на прво место е Скопје. Во Скопје цели дрвореди се уништени вака, а во други градови секое едно дрво го „кројат“ вака. Ова целосно отстанување на крошната на големи дрвја некои го викаат „кастрење“, нејасен збор што само покажува колку слабо ја разбираме проблематикава. Во светот веќе подолго време е напуштена практика, а некаде дури и казнива со закон. И таму понекогаш се случува, но нивната предност е што официјално и институционално е осудено и забрането (од надлежните општини и органи кои издаваат дозволи за кроење и сеча), и затоа воглавно таму е нелегална работа. Освен тоа, има и организации кои се залагаат против неа преку доста едукација.

Кампањи и постери (како овој) од разни организации, надлежни установи и општини во земјите со повисока свест за овој проблем

Зошто некој би сакал вакво „кроење“? Ако на погрешно место насадиш дрво на кое му е запишано во генот да биде големо, најверојатно си му чкртнал на дрвото да стане хазардно. Ќе имаш доста грижи и проблеми со него. И општините садат големи и кршливи дрвја на погрешни места, па после мора да преземаат радикални мерки. Ако сте згрешиле со изборот на дрвото/-јата и локацијата, можеби најдобро ви е целосно да ги исечете, наместо да ги обескрошнувате (ако се повеќе дрвја, подобро е да се сечат низ подолг период, ако може). Прочитајте го текстов внимателно, погледајте ги сликите, и размислете. Да се надеваме дека некој ќе се осмели да ја смени оваа практика, макар и да изгуби нешто пари поради тоа. На списокот на моите услуги веќе подолго време ја нема.

Џабе садиме ако погрешно го одржуваме или, уште полошо, го упропастуваме посаденото. Те фатил некој закон или не, сè што е погрешно неминовно си носи и последици. Обескрошнувањето се одразува многу лошо на здравјето и векот на дрвјата. Ни требаат здрави а не болни дрвја, кои ќе ги разболат и другите. Кога некој ме бара да му го „скастрам“ дрвото (-јата), честопати мој одговор е: ‘Трпи го додека можеш, а после целосно отстрани го. Обескрошнувањето никогаш не е добро решение.’

Обескрошнувањето се одразува лошо и на вредноста на еден имот. Добри дрвја можат да учествуваат и до 15% во цената на некој имот!

Визуелен приказ што ќе се случи со листопадно а што со четинарско дрво по ваква лоша интервенција над нив...

Нешто што на италијански ја пренесува идејата за „обезглавување“. Па, според тоа, проценете сами колку е во ред...

Морав да застанам и да го сликам кедаров. На убавото шеталиште во Охрид, некој направил ваква грда „скулптура“.

Кој е најдобриот лек против оваа скапа, грда и штетна практика? Превентивата е најдобар лек. Како да „превенираме“ за да не мора радикално да интервенираме? Добро планирање. Заработката и брзите резултати не смеат да бидат најважни, туку користите на долги патеки.

Ако некој сака големо стебло и голема сенка, но нема доволно простор, посебно во висина, една алтернатива се „полардите“. „Полард“ е дрво на кое од многу младо му се сечат гранките на приближно иста точка. Таму се прави еден вид трауматско ткиво (тумор кој не е штетен) во форма на топка. Може да биде дрво со едно или со многу такви точки. Ако е со една, личи на џиновско лижавче (а така и се вика на англиски). Сепак, имајте на ум дека не можете со секој вид дрво вака, не можете ако веќе не е младо, а не може ни во било кое време. Повеќе можете да дознаете тука. А, ако просторот навистина е толку ограничен, зошто не изберете мало дрвце или некоја грмушка?    

Низ Европа има доста поларди

Од сето досега кажано, најважно е ова: Обескрошнувањето е лоша работа. Можеби нема да ја смениме јавната свест, но можеме да ја смениме нашата. Да не им ја симнуваме круната на дрвјата, да не ги обескрошнуваме, да не ги обезглавуваме. Како сакаш кажи го, само не прави го.

Дејан, дрвосечач и градинар (ФБ)

4 мај 2017 - 16:41