Состојбата со јавното зеленило, втор дел

Ем нач’чкано, ем со сила геометриско

Во претходната статија зборував за состојбата на јавното зеленило по градовите низ Македонија. Наведов неколку проблеми и сугестии. Во оваа реков дека ќе кажам нешто поконкретно за јавното зеленило во главниот град.

Ќе почнам со образложување на моменталната состојба. Еве три најчести грешки во јавното зеленило кои сум ги забележал:

1. Прегусто се сади

Кога се сади, мора да се размислува подалеку, т.е. како ќе изгледа таа композиција после 2, 5, 10 или повеќе години, а не дали моментално делува убаво. Бидејќи се работи за заеднички пари и доверба, поголема е и одговорноста. Тука гледам голем простор за подобрување. Кај нас едноставно прегусто се сади

2. Премногу геометриски форми

Грмушките може да се кројат (а и пожелно е во град), но не „версајски“, т.е. геометриски (правилни геометриски тела и линии). Најлошо се прави кога се спојуваат претходната со оваа грешка. Верувам дека оваа грешка е наследена и се провлекува низ секоја идна генерација. Јавното претпријатие за зеленило во Скопје премногу ги „врамува“ растенијата, а посебно грмушките. А на јавноста ù се допаѓа ова...

Има толку многу коцки, конуси, а особено топки, што ќе заборавиме каква е природната форма на тие растенија. Жолтиката (форзиција) е многу убава грмушка што цвета меѓу првите напролет. Бојата е преубава, но кратко ù трае. Затоа, пак, има трајно убава форма. Слична е и дуњарицата. Трета грмушка што ќе ја спомнам овде е една од куриките, на латински Euonymus alatus, која наесен „гори“ со јака црвена боја (затоа на англиски е позната како “burning bush”). Сите овие греота е да се ставаат во топчеста рамка и така да им се нагрдува формата, која за разлика од бојата има трајна убавина.

Не знаев дека толку многу луѓе сакале геометрија...

3. Нема арбористичка („дрвористичка“) служба

Верувам дека ни инженерите не знаат што е тоа арборист. Јас завршив школо и не знаев. А тоа е така зашто на факултет не се учи за одржување дрвја. А да не зборуваме за пракса... Тоа е друга тема, тема за плачење и прав криминал. Кај нас дрвјата само се садат и, ако дојде до сериозен проблем, се сечат неуко. Тоа е за мене гооолем недостаток на градот и на државата во поглед на зеленилото. Нема ни казни за оштетување јавно зеленило. Не зборувам за штети од вандали, туку од јавни претпријатија и приватни фирми. На пример, кога се копа за водовод, за интернет или за нов тротоар, ни најмалку не се пази на дрвјата. Не се криви тие фирми. Нема кој да ги поучи.

Освен што се прегусто засадени, сега се и „обезглавени

Голема грешка е што одговорни за јавното зеленило се луѓе кои не знаат хортикултура и арбористика. За жал, факултетите не даваат кадри кои имаат практични знаења, туку само хаотична теорија. Пракса се учи на работното место, од постари колеги од некое си време.

Знам дека некој кој е вработен во јавното претпријатие, соодветните факултети, институти и неколку министерства може да се најде засегнат од досега кажанато. Жал ми е, не ми е тоа целта. Мислам дека повеќето грешки што се прават се од незнаење, а не намерно (што секако е олеснителна околност). Но, грешки се грешки. По нив секогаш доаѓаат последици. Градот и државата може да почнат да размислуваат и за ангажирање приватни фирми за хортикултура (за арбористика проблемот е  посложен). Така би требало да се крене зеленилото на повисоко ниво, иако и тоа не е гаранција само по себе без конкретни задачи и контрола, како што покажува и проблемот со ангажирањето приватни фирми за чистење на снегот кај нас. Исто така, мислам дека многу покорисно би било да има краток, практичен курс (особено за арбористика), отколку факултети со тони непотребна хартија и многу суети со нив.

Набројав само три конкретни добронамерни забелешки за состојбата на зеленилото во Скопје и неколку предлози за подобрување. Има и други, но бидејќи не е весела тема, подобро да ја завршам тука. А знам и дека нема да се применат. Не знам и зошто ги пишувам овде. Најмалку затоа што сакам убаво зеленило, посебно дрвја, а најмногу големи дрвја. Можеби некој благодарен читател ќе реши да ги примени овие совети кај себе дома. Ако му работи кликерот, ќе му текне како. Мене би ми било мило да е така.

Дејан на ФБ