„Сакаш да си играме...ам ?“

Преку глава ми е од твоите игрици да ти кажам...
Преку глава баш.
Ми се повраќа !
Ми се повраќа како во запурно јулско утро од мирисот на пресечена презреана диња во тесна кујна, а јас ноќта сум бил... препијан!
Ми се повраќа од мирисот на твојата душа дури ме тераш како муле да ти ги следам правилата.
А никогаш не сум правел глупости пред тебе да те запознаам.
Секогаш имало во некоја покраина од мојот мозок малечка барака со запалена сијалица и буден чувар
Секогаш имало некој буден во гуштер во караулата за да ја чува таа нормала
А се сум прошол
И тон алкохол
И снег
И топлина
И зен
И апчиња
и секогаш... имало назад.
Само полалитро сон,
кубик вода и сам себеси гликоза во вена и ете нова страница
Но ова веќе трае
Ама овој пат преку глава ми е од твоите игри
Преку глава ми е страста твоја болна
Болна и црна аман наман
Си правев некој план во главата синоќа
Подобро небула отколку кандило на ветрот во староста
Исто е... подобро наеднаш отколку пополека.
Дали сега дали покасна...
Во петок ќе ми ја остави на чување другар ми колата
Му ветив дури е на пат дека ќе му ја причувам
Во петок вечер јас ќе се дотерам и ќе ја измијам
Ќе ти се јавам да ме чекаш пред зграда од пред пералната
И несигурно ќе ја запалам полека оти немам возачка.
Ќе возам пополека пополека
Ќе застанам потем на железничка и ќе ја истурам правта од малата кесичка измешана со пепелта од твојата фотографија
Како на крајот од соленките во грло кога ја истураш солта.
ќе ги затворам прозорите и ќе ја испуштам Дују филавд од У два


Од Дискотека втората песна
Од онаа групата шо ја мразат сите диџеи на планетава
И ќе возам само во прва
само во прва со гласно испуштена музика пополека
И спокој ќе имам со подзамигнати капаци дури се дере певачот : Дују филавд? – дури ме прашува
Јас спокој ќе имам во грлото од правта
магента огномети низ крвта
Од разни цртани филмови шарени птички ќе ми летаат низ колата.
Ќе ми се суши устата.
Ќе ми се влажни предницата под фармерките кога ќе ми текне на твојата рака таму положена.
И сам ќе бидам во тие неколку минути дури стигнам пред твојата зграда
Јас сам ќе бидам и дечко и девојка.
И принц и принцеза
ќе ја истерам докрај како јас сам сакам и како треба онаа наша постмодерна препотентна и болна бајка
Ќе бидам и Џонтра Волта и Уматур Ман со подразранета ноздрва
И принцот и ѕверот со бело беемве и Снежана и Убавицата со машка светло кафеава плетенка

А сите твои гнасотии и што ми ги залепи како пијавици на срце

Сите твои духовно сексуални поимања за љубовта и твоите чувства јас на ретровизорот позади ќе ги гледам како седат

Како седат како седум грди раскикотени џуџиња
Ќе ги олицетворам сите наши интимни седум грева.
Од твојата душа
Од мојата.
И ќе им се смеам.
Срамежливо и заводливо како убавица со ангелски лик и гроза во најчиста форма длабоко скриена во темнината од мојата зеница.
Ќе им шепотам: „Уште малку момци уште малкуцка и стигнавте кај мамичка"
Ќе им шепотам грозно и перверзно како мерлинка
А штом завртам на твојата улица тие ќе почнат од радост да се кикотат и подбуцнуваат:
„Сега ќе ја земе мама!"
„Сега ќе си ја гушнеме мама.. "

И ќе те видам тебе на ќошот.
Ќе те видам тебе на ќошот дотерана во долг летен свилен фустан со сите бои на пролетта.
Со хардвер од рајот ама од пеколот одамна хакирана.
Несомнено,
истата онаа на која Ботичели дури ја сликал Раѓањето на Венера касно под свеќите помислувал кога си ја спуштал во меѓуножјето раката.
И ти ќе се насмееш кога ќе ми здогледаш како доаѓам натака..
А јас..

јас тогаш изненадно ќе додадам гас.
Ќе ја притиснам со сета сила педалата
Ќе дадам гас дури пиштат твоите каприци позади во паника
„Еј еј еј еј еј а бе застани бе лудак ене ја.. алооо - ене јаааа!"
И за делови од секунда и неколку метри после тебе јас ќе го разрушам ќошот од зградата
Ќе го распукам металот и бетонот и сите твои гревови сите твои љубовни злобни игри

како тигри мене грлото ќе ми го прегризат
Ама ќе завршат ... ќе завршат!
И ти ќе ме лупаш потем во градите со твоите нежни тупаници
Ќе ме лупаш дури твоите црни солзи од растечената маскара ми ја валкаат крвавата кошула
Ќе викаш: „ Што направи бе што направи а? А?"
А јас насмевка
Со крвава гргара во грлото ќе ти шепнам
„Сега јас малце... си играв! "
Ќе ти шепнам „Сега јас малце си играв љубена "
Ќе ти шепнам дури случаен доктор со стакло од флаша ми крави трахектомија за да можам да издишам
И ете
само ти
само ти ќе ми ја видиш душата како црна мачка од таа малечка дупка низ грлото како надвор изрива
Во очите нејзини ти ќе остариш
ќе ти смрзне крвта
Ќе и ги осетиш ноктите како ти ги качи во твоето срце
ко во мека нежна перница
Ќе замижеш од болка и гроза
ќе си ја стиснеш вилицата.
А потем ќе ги отвориш очите
Ќе ги отвориш очите и ќе се погледнеш во огледалото како стара мома со пееседна.
Чат пат крвавиот свилен и пожолтен фустан
пред да си легнеш во плакарот ќе го помилуваш како икона.
Во скинат лист од читанка под твојата зграда ќе виткаат џоинт седмооделенци на клупата
На листот ќе стои моја песна која само ти знаеш дека тебе ти е посветена.

Ќе им викаш полиција.

А тие со тебе ќе си играат.
Ќе си играат!
Ќе си играат!
ќе ти довикуваат како ѓаволчиња под твојата тераса: „Вештеркееее! Вештерке!“
Ќе се кикотат касно во ноќта.

- Дарко Лешоски

 

21 јули 2013 - 19:37