Купи мерцедес, купи сам

Како да владееш во Македонија?

Човек учи додека е жив, а не живчан. Тамам се усукав ко настинат кит на кревет во намера да гледам фудбал то ест кој ќе ми кине нерви во финале на Лига на Шампиони против моја Барса кога... Роналдо, проклет да биде, среќа да не види, прв започна пенали да реди и одма ми ја одмили утакмицата. Зошто? Пимен е навивач на Јуве, па пре би со него да сум финален соперник, отколку да мислам дали на голманот на Барса ќе му клизне низ раце топката премачкана со гелот на Роналдо како сендвич на Елвис со путер од кикирики.

Овој фиктивно гурмански и реално фудбалски раатлук си го самопрекинав со репете од она што го сркав цел ден. А цел ден сркав мрсни лекции за лидерство во Македонија, со надеж дека токму фудбалов вечерва ќе ме спаси и ќе ми ги стави нервите на здрава исхрана. Но не ми било пишано да сум фудбалски фан, судба проклета ми била да сум државник или Кан. Океј, што се мора, не е тешко...

Во денот со пинг-понг од седници, прес конференции, контра седници и контра пресови, прво Солза Грчева на собраниска говорница изјави дека луѓе под 40 години биле премлади за извршување на државничка функција. Значи, прва работа која ќе ја направам кога ќе станам шеф на Македонија ќе биде да ја похапсам Солза Грчева и да ја спроведам до тивко и мирно место каде ќе може слободно да се премисли. Или да седи додека не наполнам 40.

После тоа ги слушав бомбите на Заев, а најлидерска ми беше последната во која (како се то ради) наводно премиерот наводно нарачува наводно кај министерката наводно... Мерцедес од 580.000 евра за потребите на МВР за кога ќе ни дојдат гости, да не се возат во крнтии. А кога немаме гости за да не фати р'ѓа ќе го вози премиерот - шо ми е скроз прифатливо. Ама не пред очи на новинари, ваљда да не му побараат кругче кога ќе го видат како со една рака надвор застанува на секој пешачки за да види како си поминува народот во Македонија, а народот да види како добро уствари се живее во Македонија.

После тоа слушнав уште нешто многу важно: прав шеф се грижи бе за духовниот си живот на чедата си свои, па кој и да дојде на баци-рака кај мене како премиер, за да види колку ми тежи зборот, ќе му ја кажам народната: еден збор, два алтани. И тоа двата алтани за цркви има одат, како што тоа призна дека го прави претендентот за премиер на нашиов вилает македонски.

ВМРО не причека ни секунда и веднаш го обвини Заев за содржината на видео-клипот на кој Заев му бара 2 евра (едно за во црква директ, а едно на пример за кај бате Вице во менувачница) плус на човек за одредена работа - според ВМРО, Заев на човекот му бара мито. Тука почнаа да ми се рушат концептите за владеење: зар коруптивен јас ќе морам да бидам? Спас ми доноше Заевци, односно Зоран кој молскавично како Икер Касиљас се одбрани тврдејќи дека двечките евруленца кои на снимениот материјал ги бара од човекот биле за градежен материјал - за црквата. Ами за што да се?

Тоа што посочениот брат Вице кон кој треба да се упати насочениот клиент на општина Струмица има менувачница значи само дека веројатно ќе ги промени еврата на господинот во градежен материјал, а кога имаме ваква најава, треба да претпоставиме дека мора да има и некој шут. Градежен и неградежен.

Наравоучение за прави лидери: кога јас ќе станам шеф на Македонија, сите жители на нашата држава ќе платите по две евра за Македонија! Со едно евро за Македонија ќе ви направам огромна црква, а со другото евро ќе купам Бугати Вејрон од милион евра за Македонија и ќе го возам за Македонија. Многу е веројатно дека после месец дена со истата кола ќе заминам од Македонија давајќи повиклива оставка за да ви демонстрирам политичка одговорност и да ве научам за идните генерации да се родат во посвесно општество.

Но, кој и да се осмели за време на мојата македонска месечнина на тронот и по неа да фрла со дрва и камења по мене, дека сум јабанџија и сум купил Бугати Вејрон од милион евра за Македонија за да не ја брукам земјава кога ќе одам надвор пред луѓе и ќе прашаат од каде сум, тој веднаш да биде ставен за комшија на Солза Грчева бидејќи се осмелил да ме преиспита мене, да се колеба во мојата чистота, во мојата чесност и посветеност, а сите знаеме дека јас сум ви направил црква од милион евра и кој е против мене е и против црквата и... си знаете како оди тоа понатака.

Уште неколку работи ќе направам во тој месец на владение во кој ќе ја подготвувам Македонија за предизвиците на новото време за кое очигледно не е подготвена. Покрај колата за Македонија од милион евра за гости од непроценлива важност која ќе ја возам јас, ќе купиме уште неколку работи за кога ќе ни дојдат гости, да не се срамиме како држава.

Прво купуваме едно миленце, бидејќи е домаќинско. Па купуваме телевизор, за да има преку што да стои миленцето. Па купуваме еден замок огромен на кале од 10.000 квадрати за да има каде да го ставиме телевизорот. Па купуваме една куќа во Каталонија блиску Барселона за да имам јас, великиот лидер:

а) каде да се повлечам во осама и тихување ако дојдат тешки времиња за Македонија и треба да размислувам за иднината на земјата и дали да ја ослободам Солза од просторијата за премислување или да помилувам некоја друга;

б) ако дојдат мноооогу многу гости, да им ја дадам и мојата спална од замокот на Кале, да не ги сместуваме по хотели, како сиромаси некои засрамота, да не зборат по светот дека сме скржави и дека е немаштија и дека лошо се живеело во Македонија и дека бизнис климата е климава и телевизорите немаат миленца што значи дека ќе нема инвеститори и ќе умрете за леб и ќе останам сам;

Откако ќе ве научам кој е најчесен во Македонија и ви гради цркви, дека гостите треба секогаш да имате да ги послужите со локум, кола од милион евра и замоци од 10.000 м2 ќе остане само да ве научам и дека млада демократија како Македонија има насушна потреба од скротување на егата и прифаќање на нужноста од брза промена на владеењето, за да не дојде до промена во структурата на мозокот после 9 години на чело на држава или 10 на чело на град, на пример.

И тогаш, ќе поднесам повиклива оставка и ќе си заминам после месец дена на чело на Македонија (Бетмен поп Велитов, храбро замина, храбрро замина за Македонија). 

Но, ќе ве оставам со мирна душа дека мојот народ сум го извадил на правиот пат, сум му покажал дека и во Македонија може убаво да се живее во мојот замок со моето Бугати (ако можам јас, зошто не и ти? осмели се), па скромно ќе се повлечам во куќата на Каталонскиот брег со автомобилчето за гости, да тихувам и да помилувам ходајучи сирени до крај на живот. Чекајќи го својот Нобел за Државотвоност и споменик меѓу Александар и Филип со рацете према нив ко да ги скротувам и текст „Покроце вие двајцата, покроце... јас сум најјак".

На време ме прекина Мората и им здена гол на Лос Бланкос. Реал е пред аут од Европа, а јас пред финале со Пимен. За време на фудбалот, сфатив дека научив многу работи денес. Ете доказ дека сум жив.

Фала ви примери мои. Ова нема да ви го заборавам.

Бетмен

betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT 

13 мај 2015 - 22:38