Т'га од југ

Румена плима

Стариот мој е поболен по белградски Партизан, јас пак прво лице множина користам единствено за МЗТ Скопје а душичката и на 7.000 милји од дома ми трепери кога победуваме, па знам што значи да сакаш тим. Јужњаците се будат и заспиваат со американски колеџ фудбал и секој меч е церемонија и додека утакмицата трае, на улиците е штама.

Правилата на американскиот фудбал не ги научив зошто спортот ми е глуп ама во основа сфаќам што е целта и не се притресувам многу околу играта, за разлика од Алабамциве кои истата ја довеле на ниво на религија. А да израмниш нешто со религија на југов е голема работа, ама за религијата наскоро, сега за американскиот фудбал тука.

Универзитетот на Алабама е актуелен национален шампион на САД во колеџ фудбал. Во февруари ја освоија 14-та титула и дома во Таскалуса го вратија пехарот по една година пауза. Трофеј кој до неодамна беше во витрините на лутите ривали од Универзитетот Оборн од истоимениот алабамски град, колеџ каде меѓу другите дипломирал и Чарлс Баркли.

Алабама се румени, Оборн се тегет/портокалови. Како што ми е мерак за македонското знаме да велам дека е алово а не црвено, така и Алабама за мене се румени [crimson] а не црвени. А и шубе ми е од црвени дресови. Но во секој случај, страста за составот на Алабама има некаков народњачки сенс па ми се подраги за влакно од Оборн. Фановите не пејат "...Припор Ѓорче ви се воџи..." и нема мочање титули. Имаат навивачки песни ама тапа се. Лојалноста најчесто се искажува со горд вресок на слоганот на тимот. Тие за Алабама урлаат "Roll tide" а другиве "War eagle."

За пролетниот распуст отидов во Таскалуса, не заради фанатизам кон "румените" но затоа што сакав да го видам градот споменат во една од најубавите песни што сум ги чул. Во неа, јунакот во бар во Таскалуса запознава девојка која го "чисти," но не сака со него "за озбилно." На крај овој се обиде со вино да ја скроти болката и се качи на возот зошто тоа беше полесно отколку да чека да умре.

Многу румено. Се во Таскалуса е румено. Градот има околу 100.000 жители а домот на Алабама, стадионот Брајант - Дени, речиси 102.000 седишта. Огромно здание и 5-ти по големина стадион во САД. На Универзитетот има околу 33.000 студенти, повеќе од половина се од понежната половина па така и јас поруменев во образите кога снимив што дејчиња шетаат наоколу. Весели и руси и вајани. Со косите расфрлаат насмевки под силното алабамско Сонце, ги покажуваат негуваните бели заби и се прчат со гланц кожите и совршените телца. Се радуваат. Се радувам и јас.

Покрај руменилото, заштитен знак на фановите на Алабама е и една специфична црно - бела шара која се прославила заради дизајнот на легендарна шапка што ја носел Пол "Мечката" Брајант, човек кој ја предводел клупата на Алабама цели 25 години и на тимот му помогнал да стигне до 6 национални титули.

Пол "Мечката" Брајант надимакот го добил зошто на 13-годишна возраст на панаѓур наводно се борел со мечка. Жива мечка бе! Неговиот лик и дело во Алабама се слават како што дел од повозрасните кај нас се уште го доживуваат Маршалот. Стадионот го носи неговото име, во негова чест се именуваат булевари, продавници и машки деца... Да спомнеш нешто против "Мечката" во Алабама е ризик најјак.

Последното традиционално дерби што го играат одма по Денот на благодарноста го доби тимот од Таскалуса, што беше причина за фановите од различните табори да ја приредат првата општа кафанска тепачка што ја видов во Флоренс, хаос по кој барот затвори. Излезе дека по секоја тепачка, локалите тука веднаш ставаат клуч на врата, не заради нешто друго, туку за да не се објаснуваат со полиција. А џандар ко џандар, за арно не доаѓа.

Оф д рекорд. Забележително за скопјанец во Алабама е дека не летаа боксови клоци и шамари, ниту пепелници шишиња или други "аксесорис." Само се 'рваат, а зошто го користат баш овој "стил" станува јасно кога ќе разбереш дека правдата може да те олесни и со неколку десетици илјади долари во случај да разбиеш нечиј нос или вилица.

За да не ме депортираат ко партал и да испорезилам цела фамилија назад во Македонија, од гужви вешто се чувам, па така и во Таскалуса по полноќ кога студентите се сељачат а студентките немаат ништо против сељаци, на сите страни се довикува, се провоцира, се галами, се пцуе, се бара беља и се наоѓа беља, следам ситуација и внимавам да не се најдам во "голема" и да ми го пукнат носот. Не заради носот, туку кој ќе троши после 30.000 долари.

Среде ваква еуфорија, едно бате реши дека сега е моментот во центар на студентска населба да извади Ајпадот и на пар непознати луѓе да ни покаже зошто Трент Ричардсон, дете на Универзитетот на Алабама е еден од најголемите таленти во американскиот фудбал. Видео од некој тренинг а овој како ѕвер ги бутка тоа куклите пред себе. "Тоа е тоа. Во Таскалуса одгледуваме животни," заклучи дечково. Rooll Tiide, му одговарам.

Тешка беше нашата разделба со градов и еве веќе 5-ти ден како во мислите го чекам возот на Таунс Ван Зант да ме врати назад кај "румените" бар на уште некој ден. Не заради нешто друго. Може ќе си најдам и јас девојче во бар во Таскалуса. Може и ќе ме исчисти а може и ќе сака за озбилно.

В.Л.Адо

lazoroskivladimir@gmail.com

3 април 2012 - 16:24